Преподобен Павле Тивејски

Роден од богати родители во Долна Тива (Теба) Мисирска во времето на царот Декиј. Сиот имот на родителите Павле го наследи заедно со неговата сестра. Неговиот зет идолопоклоник посака да го приграби и Павловиот дел од имотот и му се закани на Павле дека ќе го даде на суд како христијанин ако не му го отстапи својот имот. Од една страна оваа неволја, од друга самопожртвуваниот пример на христијанските маченици што ги виде со своите очи, го поттикнаа Павле да го отстапи својот дел од имотот и како ништо да се оддалечи во пустината.  Таму се подвизуваше до смртта. До каква духовна височина достигна овој возвишен монах сведочи самиот Свети Антониј Велики, којшто еднаш го посети Павла и ги виде како му служат ѕверовите и птиците небесни. Кога се врати од таа посета Антониј им рече на своите монаси: „Тешко мене, деца мои, кој сум грешен и лажен монах, монах само по име. Го видов Илија, го видов Јован во пустината и навистина го видов Павле – во Рајот!“ Св. Павле живееше сто и тринаесет години и мирно се упокои во Господ во 342 година.

 

Преподобен Јован Кушчник (Колибар)

Роден е во Цариград во времето на царот Лав I од богати и угледни родители. Им беше единец на своите родители. Поттикнат од наклоноста кон духовниот живот младиот Јован тајно побегна со еден монах во некој манастир во Мала Азија. Во тој манастир тој помина шест години во преголемо воздржание, молитва и послушност кон игуменот. Тогаш на него навали ѓаволот со искушение дека треба да го остави манастирот и да им се врати на своите родители и кај нив да живее како благородник. Тој навистина се врати во домот на родителите но облечен како просјак, ги виде своите родители само не сакаше да им се јави како син, туку како просјак се насели во нивниот двор, живеејќи речиси од трошките што му ги дофрлаа слугите и трпејќи многу потсмевања од сите и од секого. Така поживеа три години молејќи Го Бога да ги спаси душите на татко му и мајка му. Кога се разболе и ја почувствува близината на смртта, им се јави на родителите, кои го препознаа по едно скапоцено Евангелие што му го подарија во детството и коешто тој го чуваше кај себе како единствен свој имот. И така овој млад човек, иако многу богат, си ја спаси душата, ги спаси душите на своите родители, го победи ѓаволот и се упокои во Господ околу 450 година.

 

Преподобен Гаврил Лесновски

Слoвeн и другар на св. Прoхoр Пчински и Јoван Рилски. Сe пoдвизувал вo X вeк кај Кратoвo на гoрата лeснoвска, кадe сoѕидал храм на св. Архангeл Михаил. Бил чудoтвoрeц и за живoтoт и пo смртта. Сeгашниoт вeлeлeпeн храм на тoа мeстo гo пoдигнал Душанoвиoт вoјвoда Јoван Oливeр. Св. Гаврил сe упoкoил вo Гoспoда кoн крајoт на X вeк.

Кондак, глас 6.
На земјата си поживеал ангелски, и со животот си го објаснил Евангелието; умот свој си го свртел кон небесата, а луѓето си ги учел на благочестие. Поради тоа те славиме: Радувај се, преподобен Гавриле, Лесновска похвало.

 

 

368 Прегледи