Нашиот Старец и игумен, Архимандрит Партениј, е еден од 50-те лауреати оваа година на највисоката почесна награда на Европскиот парламент – „Европски граѓанин“. За ова престижно одличие, тој беше номиниран од европратеникот од пратеничката група ЕНП/ГЕРБ, г. Андреј Ковачев.

Во своите мотиви за номинацијата, г. Андреј Ковачев, меѓу другото, нагласува:

„Ја покренав кандидатурата на Архимандрит Партениј, не само поради неговата постојана поддршка за надминување на негативните меѓусоседски односи на Балканот и поспецијално за неговата активна дејност во однос на потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Македонија. Тој и неговото монашко братство на Бигорскиот манастир ги поддржаа и благословија напорите на двете држави да ги надминат политичките разлики, натрупувани со години. Номинацијата беше првоначално одобрена од бугарското жири со поддршката на моите колеги Асим Адемов, Ангел Джамбазки и Илхан Кјучук, а потоа одобрена и од општоевропското жири“, коментира Андреј Ковачев.

Понатаму, во образложението за причините за наградата стои:

„Архимандрит Партениј е познат со уважението кон сите луѓе, без разлика на нивната верска, етничка и расна припадност. Тој го претвори Бигорскиот Манастир во вистински центар на соживот, не само во Македонија, но и надвор од земјата. Архимандрит Партениј се занимава со хуманитарна дејност и укажување на духовна и материјална помош, како на поединци така и на цели семејства. Особено е значајна мисијата на Архимандрит Партениј за лекување и ресоцијализација на лица, првенствено од помладите генерации, коишто западнале во тешките пороци на наркоманијата, алкохолизмот и сл. Илјадници млади, под духовната закрила на отец Партениј, не само што успеале да се ослободат од тие зависности, но и повторно да се интегрираат во општеството. Архимандрит Партениј развива широка општествена дејност, организира концерти и предавања во областа на културното наследство и хуманитарните вредности, не само во регионот на Бигорскиот Манастир, но и во Македонија, Бугарија, Грција и регионот. На тој начин тој допринесува за зацврстувањето на европскиот дух и вредности на луѓето во регионот. Преку својата дејност, Архимандрит Партениј го поттикнува надминувањето на внатрешните поделби меѓу граѓаните на Македонија, како и нивната подобра интеграција со граѓаните на соседните држави.

Во 2017 година Архимандрит Партениј и монашкото братство на Бигорскиот Манастир, решително го поддржаа потпишувањето на Договорот за добрососедство меѓу Република Македонија и Република Бугарија, благодарение на којшто се надминаа редица отворени прашања меѓу двете земји и се надминаа проблеми, натрупувани со децении. Во тој критичен историски момент Архимандрит Партениј и монашкото братство има смелост, и покрај општата негативна атмосфера во земјата во дадениот момент, да застанат зад вистината, зад пораките за добрососедство, европска соработка и поткрепа за потпишаниот Договор. Благодарение на својот силен авторитет среде граѓаните на Република Македонија, Архимандрит Партениј успеа да повлијае на општественото мнение во полза на Договорот. Тој јавно ја зазеде во тоа време непопуларната позиција, дека ‘договорот е срочен во духот на европското право, без двосмислени политички фрази, без никакви навреди, потценувања или превагнувања на едната или другата страна’. Интеграцијата во ЕУ е единствениот начин да се преодолее поделбата и да се востанови балансот во регионот“ – се вели во соопштението.

Како и секоја година, лауреатите ќе примат почесни медали на официјалната церемонија на есен во Софија, организирана од Бирото на Европскиот парламент во Бугарија. Подоцна, во текот на месец ноември, тие ќе учествуваат и на општоевропската церемонија, посветена на Граѓанската награда на Европскиот парламент, којашто ќе се спроведе во Брисел.

Од 2008 година наваму Европскиот парламент ја доделува наградата на граѓани и организации, коишто дале значителен придонес или исклучителна посветеност за подобро взаемно разбирање и потесна интеграција меѓу граѓаните на ЕУ, или за олеснувањето на прекуграничната и транснационалната соработка во ЕУ; придонес за долгорочна, прекугранична и транснационална културна соработка што го зацврстува европскиот дух; за негување на вредностите опишани во Повелбата за основните човекови права во Европската унија. Таа има форма на почесен медал и има симболичен израз. Жирито на европското ниво ја направи селекцијата од 50-те лауреати од целата Европска Унија, но и надвор од неа.

Архимандрит Партениј станува првиот граѓанин на Република Македонија којшто ја добива оваа највисока почест на европскиот парламент – „Европски граѓанин“.

БИГОРСКИ.МК

150 Прегледи