Едната, Света, Православно-Соборна и Апостолска Црква влезе во XX век во состојба на надворешен просперитет, но и во сериозно внатрешно растројство. Руското царство, кое ја имаше најголемата помесна Црква и во кое живееја мнозинството православни христијани, достигна врв на својата политичка и економска моќ. Но, тоа беше растргнато од судирите и поткопано од страна на слободните мислители и револуционери. Во 1904 – 05 г. беше сериозно разнишано од поразот во Руско – Јапонската војна, како и првата неуспешна револуција, за конечно да падне во 1917 г. Останатите православни народи живееја во Отоманското царство, кое во 1917 г. падна.

„Демократските“ режими кои што ги заменија старите царства – Лениновиот и Ататурковиот – претставуваа потполна катастрофа за Православието. Милиони луѓе се лишени од живот, а нови милиони се протерани од своите домови или емигрирале. Ова стана слика за дваесетиот век – век кој во историјата на христијанството е неспоредлив по страдањата и смутовите, но и по огромниот број на свети маченици и исповедници…

Првите маченици кои пострадаа на самиот почеток на дваесетиот век, беа православните во Кина, во руската духовна мисија во Пекинг, убиени во востанието на таканаречените Боксери. Ова не води кон уште еден многу важен аспект на христијанството на дваесетиот век: неговата мисионерска активност ширум светот. Господ вели: И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи;и тогаш ќе дојде крајот (Мат. 24, 14). Проповедањето на Евангелието во најголемото паганско царство, Кина, и во најнепристапното, Јапонија, како и првите плодови на таа проповед во вид на 222 кинески маченици, за многумина претставувало наговестување на крајот на светот. И навистина, дваесетиот век беше почеток на крајот, не само на начинот на кој што е посведочен со делување на православните мисионери во најодалечените краеви на планетата, туку и со појавата, прв пат во конкретен облик, најчистиот и најгрозниот знак на крајот: антихристот.

Доминантна тема на дваесетиот век претставуваше појавата на анти-христот. Великиот пустињак свети Серафим Саровски уште во првата половина на деветнаесетиот век говореше за неизбежното доаѓање на антихристот кој ќе ги отстрани крстовите од  црквите и ќе убие толку многу луѓе, што и ангелите едвај ќе имаат време да ги соберат сите души кога ќе ги напуштаат своите тела. Оваа тема ја презедоа такви свети духовници како што беа свети Амвросиј Оптински, свети Теофан Затвореник и свети Јован Кронштатски. Во 1900 година, философот Владимир Соловјев имаше визија на христијани кои бегаат во пештери за да избегаат од она што тој го нарекува „колективен антихрист“. Исполнувањето на таа визија не беше тешко да се препознае во  појавата на советската власт и, од дваесетите години, Катакомбната Црква – вистински православни христијани кои од црвениот ѕвер од Откровението бегаа во катакомби. Периодот пред револуцијата, општо земено, може да се опише како период за подготовка за доаѓањето на колективниот антихрист.

Владеењето на скромниот и благ Цар Николај II – со брзиот економски просперитет, брзото ширење на црковното и парохијско школство, широко отворените мисии (кон Сибир, Персија, Кина, Јапонија и Америка) и многуте прославувања на светители (почнувајќи од светителот кој го претскажа доаѓањето на антихристот, св. Серафим Саровски, во 1903 година) – пружеше можност милиони луѓе внатре во Руското царство и надвор од него да се запознаат цо Вистината и да бидат спасени. Но, и претечите на антихристот не мируваа: револуционери како Ленин и Троцки, слободоумници и богохулници каков што беше писателот Лав Толстој, теозофи како Блавацка, еретици како светогорскиот имебожец Булатович, и огромната армија на либерали, анти – монархисти и екуменисти се посветија на рушење на темелите на Црквата и државата. Во општата збрка се истакнуваат две личности кои особено јасно ги претставуваат двете спротивставени страни: Лав Толстој и свети Јован Кронштатски.

Дуелот помеѓу нив двајца, како помеѓу Ариј и свети Атанасиј Велики, ги дефинираше спорните прашања за образованата публика. Имаше и такви кои ја искористија можноста да се покајат, нешто  што им беше овозможено во релативно мирниот период пред револуцијата. Можеме да се потсетиме на Лав Александрович Тихомиров кој се покаја за тоа што беше револуционер, за да стане истакнат православен монархист, или Михаил Андреевич Новоселов, кој се покаја за својата толстојевштина за да стане црковен публицист и подоцна маченик на Катакомбната Црква. Меѓутоа, требаше да дојде до силен шок на големи политички потреси, како што се Првата светска војна или Октомвриската револуција, за да се освестат поголем број на луѓе. Во тоа можеме да ја видиме особената Промисла Божја, која и од најголемото зло го извлекува најголемото добро.  Така беше доаѓањето на антихристот во Русија, парадоксално, начин преку кој до Христа дојдоа многу претходно млаки и еретички настроени христијани.

ПРОДОЛЖУВА ТУКА

229 Прегледи