На настанот кој минатата недела се одржа во Њујорк во организација на познатата модна дизајнерка Дона Каран и Фондацијата „Urban Zen“ се служеа македонски вина.

Настанот беше од хуманитарен карактер под името „Stephan Weiss Apple Awards“ и на истиот присуствуваа звучни имиња од областа на модата, забавата, политиката, филмската и музичката индустрија меѓу кои Дона Каран, Келвин Клајн, Томи Хилфигер, Кит Ричардс, Џими Нелсон, Иман, Хелена Кристенсен, Бернадет Питерс, Росана Ското, Кристи Турлингтон, итн.

Здружението Вина од Македонија  (Wines of Macedonia) беше спонзор на престижниот настан, a учество земаа македонските винарии со своите премиум вина и имаа одлична можност да се промовираат пред џет-сет посетителите за време на коктелот и вечерата. Гостите навистина уживаа во префинетиот вкус на нашите најквалитетни и наградувани вина.

Минатата недела се одржаа и промоциите на Вина од Македонија со поддршка на Министерството за Земјоделство, шумарство и водостопанство.

„На ексклузивните вински настани за презентација на македонското вино учествуваа македонските винарии кои ги претставија своите најдобри производи пред реномирани личности од областа на винската индустрија, а дополнителна значајна улога во овие промоции претставуваше и овој хуманитарен настан. Ова беше одлична можност за нашите винарии да ги промовираат своите производи пред американскиот џет сет и придонесува во градењето на имиџот на Македонија како винска земја.“ – изјави Елена Младеновска Јелековиќ, извршен директор на Здружението.

Настанот „Stephan Weiss Apple Awards“ се одржува традиционално од 2011 година, а главната цел е да ги признае и истакне хуманитарните дела од доменот во кој работи „Urban Zen“ Фондацијата, односно здравството, образованието и културата.

Извор – Кајгана

256 Прегледи