Еднаш, изгледав еден од многуте научно-популарни филмови, кои ја „разобличуваат“ верата во Светото Писмо. Се викаше „Кој ја напишал Библијата“, во продукција на BBC. Веројатно, по замислата на создавачите, тој требаше да ме погоди право во срце – ете, простодушните христијани веруваат во тоа дека целото Петтокнижие го напишал Мојсеј, а британските научници покажале дека тоа не е така! Оди и верувај после тоа на Библијата! Тоа е доста честа линија на убедување, и треба подетално да се разгледа.

Пристапот кој се користи во филмови, книги и статии од таков вид (кои не можеш да ги избориш) – е „страшило од слама“. Наместо реален противник, се создава удобен противник, наместо реална дискусија – убедително побивање на неписмените христијани од британските научници, кои докажале. Авторите го предлагаат како „христијанска позиција“ она, што би можело да се нарече „наивен фундаментализам“, – вера во тоа, на пример, дека целото Петтокнижие го напишал лично Мојсеј – а потоа победнички покажуваат, дека тоа не е така, дека текстот се формирал еден долг период, при учество на многу луѓе, и ја изразува низа настани во историјата на древниот Израел. „А јас пак мислев, дека е Слово Божјо“ – наменски се зачудува водителот.

Секако, треба да пројавуваме воздржаност во однос на тврдењата, кои се прават повикувајќи се на некои „научници“. Секогаш, кога во документарен филм зборуваат за тоа, дека „научниците сметаат дека:“ авторите пропуштаат еден важен збор – „некои“. Меѓу истражувачите на Стариот Завет постои широко разномислие, а исто така, и принципиелна разлика во пристапот – „минималистите“  претпоставуваат, дека сите тврдења во Библијата треба да се сметаат за неисториски, додека нивната историчност не се потврди од некакви небиблиски извори, поаѓајќи од еден вид „презумпција на виновност“ на библискиот текст; „максималистите“ сметаат дека исторично е сè, што не е порекнато од надворешни извори, признавајќи им на библиските автори „презумпција на невиност“. Како правило, мислењата на специјалистите – горе-долу се веродостојни досетки, кои може да се покажат точни – а може и да се порекнат, како што во историјата често се случувало.

Но, конкретно за тоа, дека Петтокнижието е напишано од многу луѓе, во еден подолг период, јас дознав уште во процесот на своето обраќање, и тоа не од британски научници, а од верници луѓе, чии книги биле посветени на ова прашање – за кои Библијата, безусловно, беше Слово Божјо.

Аргументот, кој се обидуваат да го изградат за нас авторите на филмот (и не само тие) – „,Библијата се формирала долго време, нејзините текстови го создавале, обединувале и редактирале многу луѓе, и следствено – Библијата не е слово Божјо“ – едноставно е погрешен. Тоа е логичката грешка, која во учебниците по логика се нарекува non sequitur (буквално «не следува»). Едното воопшто не следува од другото.

Да се обидеме да го разјасниме тоа. Како се случува Божјото Откровение? Кој, всушност, ја напишал Библијата? Сликата, која на многумина им излегува пред очи – од небото паѓа Книга (Суперкнига, како што се нарекуваше една христијанска серија), луѓето почнуваат да ја читаат, и така се појавува Црквата. Богооткровеноста на Книгата како да претпоставува, дека човечкото учество во нејзиното пишување или отсуствувало, или било минимално – идеално, Книгата на чудесен начин треба да падне во рацете на верниците, во најлош случај, свештенослужителите треба да имаат улога само на секретари, кои пишуваат по диктирање на Бога. Кога се појавуваат британските научници (најпрвин германски, потоа британски, ако веќе сакаме да бидеме точни) и покажуваат дека тоа не личи баш на божествен диктат, туку на текст, составен од луѓе кои живееле во одредена епоха, таа слика се става под сомнеж.

Но дали истата, уште од самиот почеток била Библиска? Библиската слика за Откровението е поинаква – Бог не фрла од небото текстови, ниту пак ги диктира на Неговите секретари.

Бог стапува во контакт со живи луѓе – Авраам, Исаак, Јаков, Мојсеј, Давид, и другите Пророци. Бог создава општина од верници и склучува со неа Завет – тие луѓе стануваат Негов народ, а Он – нивни Бог. Бог се јавува преку настани во историјата на тој народ; како што Бог, Самиот зборува за себе во Првата заповед: „„Јас сум Господ, Бог твој, Кој те изведе од земјата Египетска, од домот на ропството“ (Излез 20, 2). Не „Бог, Кој ви испрати по падобранец текст“, а „Бог, Кој склучи со вас Завет, и ја јави Својата милост и суд во настаните на вашата историја“.

Бог дејствува во историјата, во сè што се случува, се открива Неговата промисла. Така е тоа во животот на народите; особено е така, во животот на избраниот народ, и така е дури во животот на одделни луѓе – како што вели псалмопевецот, „очите Твои ме видоа уште во утробата, во Твојата книга запишани се сите дни за мене назначени, кога ниеден од нив не беше бил“ (Пс. 138, 16)

„Наивниот фундаментализам“ доаѓа од таму, што историјата се развива некако независно од Бога, и Он само одвреме-навреме фрла по некоја порција Откровение; за Библијата, пак, Бог постојано дејствува во историјата – и сè што се случува го насочува кон својата цел.

Тоа значи, конкретно, дека процесот на формирање на свештениот текст може да биде различен, и секако, тој се развива во историјата (а каде на друго место). Притоа, во него неминовно се остварува Божјата замисла – да ни ја даде Библијата токму во тој вид, во кој што Он сака.

Другата особеност на библиското откровение – е што откровението се извршува преку народот Божји. Тука треба да обрнеме внимание на определаната особеност, имено на англојазичната полемика околу Библијата – која до нас доаѓа преку преведени филмови и книги. Таа подразбира крајно протестантски поглед на односот меѓу Писмото и народот Божји – Писмото е првостепено, народот Божји се создава од Писмото, тоа се луѓе кои ја прифаќаат Библијата како Божествено Откровение, му веруваат, и се трудат да живеат по него.

За православните (како и за католиците), првостепен е народот Божји – најпрвин Бог го гради Старозаветниот Израил, и во Израилот се појавуваат познатите текстови од Стариот Завет; потоа Бог ја создава Црквата и Црквата го создава Новиот Завет. Кога свети Апостол Павле ги пишува своите посланија, составен текст на Новиот Завет, секако, суште немало – но Црквата, кон која тој се обраќа, веќе постои, во неа веќе се служи Евхаристијата, Господ веќе ги вклучува во неа оние кои се спасуваат.

Текстот се создава од заедницата на верници, луѓе со кои во сите преврати на нивната историска судбина, пребива Бог. Светиот Дух дејствува преку сите верни, кои учествувале во создавањето на Библијата – колку и да биле.

Притоа, дејството на Светиот Дух не ја уништува личноста на свештенописателите – кои остануваат луѓе на својата епоха, користат образи од својата култура и говорат на својот јазик. За разлика од „автоматското писмо“ и другите окултни практики, при кои паднатите духови ги користат луѓето како оружје, Бог секогаш комуницира со луѓето како со слободни личности. Светиот Дух грижливо ги насочува луѓето кон вистината, без да ја уништи или потишти нивната индивидуалност.

Затоа, за нас нема ништо страшно во тоа, што Библијата ја напишале луѓе – секако, во неа директно е напишано „свети Божји луѓе, придвижувани од Светиот Дух“ (2 Пет. 1, 21), но во тоа, што свештенописатели имало повеќе, отколку што е укажано во списокот на старозаветните книги, ни во тоа, што навидум, низа старозаветни текстови го добиле својот денешен вид постепено. Таква била Божјата промисла, такви биле средствата кои ги избрал Он, за да ни го даде Своето слово.

205 Прегледи