Во почетокот на 90 тите, култната скопска група Меморија ја создаде една од своите најубави антологиски нумери, Оган под ѕвездите. Песна која најави пролет кај чистиот и современ македонски патриотизам, пресликан во генерациите векови наназад, да започнеме да веруваме и го живееме сонот, наречен независна и суверена Македонија.

Додека низ екс Ју републиките татнеа гасениците на тенковите на ,,нашата” армија, која беше соучесник на најголените трагедии и страдања на Балканов, после втората светска војна, кај нашите патриотски кругови започна да живее идејата за создавање на наша независна држава. Додека кај одредени политичари преовладуваше нихилизмот и малодушноста дали сме или не сме спремни да имаме своја држава. Во македонското собрание на некои политичари им беше незамисливо да се отпее македонската химна и да се повика кон Независност. Македонија се осамостои но некако како да остана под руините на стариот систем и наредните неколку години. Без да расчисти со актерите од минатото, со верните слуги на режимот во Белград, стихијно и нечујно се продолжи со југослевенствувањето наместо кон помакедончување на нашето општество.

Тоа беше она време кога ако нарачаш македонска песна во кафана, си ВМРО овец, сепаратист и неблагодарник кон оние кои ни поклониле држава. А државата нас никој не ни ја поклони. Сами ја грабнавме во моментот кој ни се укажа како последна шанса. Први знаци на возобновување на македонскиот сон за независност е периодот од 1998 до 2002 година. Период кога тогаш нашите млади лидери решија да тропнат пред европските порти и да повлечат Македонија надвор од канџите на стариот систем.

Тоа е периодот кога Македонија стана лидер во Југоисточна Европа во исполнувањето на реформските процеси. Тоа е периодот кога Македонија ги нормализираше односите со соседите. Период кога процвета македонската култура, археологијата. Период кога најмногу се снимаа македонски песни и македонски филмови. Време кога македонскиот работник не стравуваше од шепата на инспекторите и кога арачот буквално и не постоеше. Тоа е периодот кога Македонија, наместо да билда силен и строг буџет, реши да ги остави парите кај граѓаните. Време кога Македонија создаде модерна Армија и полиција. Со буџет од нецела милијарда марки, Mакедонија успеваше навремено да го опслужи своето општество и притоа да не се задолжува и да не зависи од ММФ. Тоа е времето кога 500 денари вредеа колку што вредат 100 денари денес.

Во вителот на наметнатата војна на одредени центри кои не ја сакаа Македонија како лидер на Балканот, Македонија доби агресивно рушење на една чиста промакедонска и прозападна власт. Марксистите, Ленинистите и нивните идеолошки Удбашки браќа, ја вратија Македонија од брзиот колосек кој вози кон Брисел. 2001 Април месец, Македонија потпиша пакт за стабилизација и асоцијација со ЕУ, додека на границата кај Танушевци македонските војници се пресметуваа со бандата криминалци и убијци. Малата и амбициозна Македонија, тогаш стана локомотива за целиот регион осакатен од Транзициите и војните. Каде сме денес? 16 години после рушењето на нај промакедонската власт во Македонија?

Македонија е на последно место по заработка по глава од жител од сите екс-Ју републики. Од прогресивна балканска држава станавме опашка на регион наречен Западен Балкан во кој сеуште владеат картелите од 90 тите. Во друштво со Босна, Косово, Албанија, Македонија е денес вратена и пред периодот од 1998 година. Со редовно поскапување на потрошувачката кошничка, со контролирани медиуми, со политички конструирани судови, со мртва македонска култура и Гранд продукција која ни ги забавува и полуматурантите. 16 години потрошени на целосно обезличување на нас како народ. Пред половина година, култната Меморија одржа концерт по повод 30 години од своето постоење. Публиката и постарите генерации повторно ја отпеаа Оган под ѕвездите. А што пеат младите генерации? Прашајте ги тоа министрите за Култура и Образование кои работат со нашите деца од 2002 па наваму. Тивок кулурен геноцид и сотрување на еден идентитет кој требаше да расте и да се одвојува од Југословенскиот. А не да биде негов најтежок фалсификат и пародија….

Пишува: Булеварко za Pogled.mk

212 Прегледи