Прифатено е да се вели дека жените се послаби и поплашливи од мажите. Така барем гласи клишето. Можеби е така… до некаде. Навистина, кога ќе видат бубачка, обично испуштаат таков пискот или отскокнуваат на без опасно растојание, додека некој во панталони не реагира. Ако видат куче на улицата, повторно гледаат дали во близина има претставник на “посилниот пол” зад кого би се скриле. Ако треба да се премести мебелот или да се наредат плочки во бањата, да се однесат децата на училиште, или да се фрли ѓубрето – молам, тоа е “машка” работа! Многу нешта се “машка” работа. Освен една – кога без страв треба да се следи повикот на срцето. Тогаш ќе се справат и со бубачките, нема да побегнат од кучето, особено ако треба да го заштитат малолетниот син кој оди со нив. Откако светува светот женската љубов и преданост не сретнале никакви прегради кога е потребно “смело срце”. Жената која љуби може да направи се! Дури и срцето ќе си го откорне и од љубов ќе го дарува!

Велика Сабота. Спасителот лежи во гробот, а наоколу имало непрегледен мрак. Апостолите од страв пред јудејците се заклучиле в куќите и не смееле да излезат надвор. Сите нивни приказни дека нема да Го напуштат Господа, дека ќе Го следат до крајот на земјата, дека за ништо на светот нема да се одречат од Него, биле целосно заборавени.  Опфатени од сомнеж и очајание, разочарени и исплашени, тие седеле дома со од страв превиткани срца. Жените пак, кои не го напуштиле Господа ниту за миг, кои Го следеле каде и да оди, кои Му помагале со своите имоти, со гостопримство, ги помазувале Неговите пречисти нозе со миро, а самите тие стоеле во сенката на мажите, не можеле да постапат така. Срцата им гореле од љубов и се свиткувале од жалост и болка при помислата за Мртвиот во гробот. Тие не Го напуштиле кога толпата викала “Распни Го!”, Го следеле по тажниот пат на страданието и плачеле за Него, гледајки Го како се препнува и паѓа под тежината на крстот. Срцата им се кинеле кога гледале како Му ги забиваат шајките во рацете, и потоа, додека стоеле во подножјето на Крстот, останале верни цведоци на Неговите страдања, без да можат на било каков начин да Му олеснат. Женското срце е голема загатка! Се може да истрпи и повторно да продолжи да бие.

Жените кои љубеле, останале со Него до крајот. Тоа биле: Самата Негова Мајка, исто и Марија – мајката на Јаков и Јосија, Марија Магдалина, од кои Спасителот изгонил седум бесови и која потоа го следела насекаде, убедена дека Тој е долгоочекуваниот Месија. Саломија, една од керките на светиот праведен Јосиф Обручник, мајка на Заведеевите синови – апостолите Јаков Заведеев и Јован Богослов; Јоана – жена на Хуза, домакин на Ирод, сестрите на праведниот Лазар – Марта и Марија, Сусана, за која спомнува светиот евангелист Лука.

Откако Христос бил симнат од крстот, тие го заобиколиле Неговото мртво тело, Го измиле со своите солзи, Го помазале со смирна и алое, и оставиле мажите да го положат во гробот, гледајки како тешкиот камен ја затвара тесната пештера. Потоа скрбни се прибрале дома.

Рано утрото на првиот ден од седмицата, запазувајки ја јудејската традиција, мртвите да бидат помазувани во определени дни по смртта, тие тргнале во рани зори, ги понеле садовите со миро, алое и смирна. По патот загрижено се чуделе каде да најдат маж кој ќе го помести тешкиот надгробен камен, откако апостолите не посакале да дојдат со нив. Се чуделе, но љубовта во срцата им горела и тие брзале кон гробот, додека срцата им биеле со надеж. А кога стигнале таму, биле наградени за својата непосрамена од надеж љубов. Каменот веќе бил оттурнат од гробот и двата ангела ги очекувале со вестта за Христовото Воскресение. А потоа жените и сами се удостоиле да Го видат Воскреснатиот Спасител, вест која брзо ја однеле на апостолите. Но апостолите, бидејки мажи, не поверувале на нивните зборови, и како  што пишува светиот евангелист Лука, “приказните на жените им се сториле “празни”. Празни приказни на жени! Само што, додека мажите смело си седеле дома, чекајки да помине опасноста, жените го презреле стравот и од јудејците, и од ноќниот мрак, и од мажите на кои можеле да налетат, засрамувајки ги на тој начин “смелите” ученици кои се криеле заклучени в куќи. Затоа Христос прво се јавил на нив, на жените, зашто секогаш самиот покажувал дека оној кој многу љуби, нему многу му се дава. А кој љуби малку, тој малку и добива, (Лука 7.47). Се разбира, апостолите подоцна ја компензирале својата плашливост и малодушие, самите станувајки маченици за Христовото благовестие, но жените биле тие кои дале пример за мажественост и ја покажале силата на женската љубов, која бликала од нивните слаби и во исто време толку силни, кревки женски срца!

45 години на комунизам. За тоа време храмовите стоеја празни. Мажите речиси не влегуваа во нив, освен свештениците. Верата беше следена, христијаните – понижувани и гонети. Но и покрај тоа имаше едни женички, кои како древните мироносици одеа таму и на  сабајле и навечер. Се разбира, се плашеа, но и покрај тоа одеа. Црквуваа, го чистеа храмот, ги водеа внуците и тајно од родителите ги крштеваа. Месеа меки пити за празниците и бојадисуваа јајца за Велигден. И по нив на другите потоа ја предаваа својата вера, која како светулки ја носеја и ја чуваа в своите срца. Но, верата на тие кревки жени помина низ оган и вода за да стигне до нивните потомци. Секогаш кога ќе влезете во храмот и ќе видите некоја жена која подгрбавена уморно го трие восокот од подот или забрзано шета напред назад, за да биде чисто и удобно во Божјиот дом, не брзајте да ја презирате и да си велите дека тоа е некоја глупава баба, која е понеука од вас. Видете ја во неа жената која зиме и лете го отвара храмот, се труди во него и тихо и незабележливо го врши своето скромно дело. Видете ја во неа жената со исполнувачка,а не мудрувачка вера. Видете ја во неа жената која одделува од својот залак, за да даде малку од својата прехрана на некој беден несреќник. Таа, која макар и честопати да не е сосема на јасно со вистините на верата, со срамежлива насмевка ќе ви каже како да се прекрстите и ќе најде едноставни зборови со кои ќе ве утеши. Таа може и да не е образована како вас, но во своето женско срце исто така ја носи онаа вера која ја имале древните жени – христијанки. Оние, за кои дури и паганските философи велеле: “Какви неверојатни жени се среќаваат меѓу христијаните!”

Тие скромни женички денес се како оние мироносици тогаш. И во домот, и во Црквата и во училиштето… Тие се силни таму, кадешто мажите се препнуваат. И не блескаат со суетниот блесок на световната слава, ниту пак сјаат како порцеланските кукли по пазарите, не ја шетаат својата убавина по модните писти, ниту пак ги бројат мажите кои ги завеле, а потоа пред цел свет да трубат за срамните завојувања. Но, тихо и кротко ја носат својата вера, за да ја пренесат до крајот на времињата.

83 Прегледи