“Големо мачеништво (тиранија) е навиката, до толку таа се вбројува во природна потреба”, вели свети Јован Златоуст. Во денешно време злоупотребата на тутунот многу е распространет во нашата православна татковина. Пушат сите класи; пушат и дома и на улица; повеќе не се срамат да пушат и жените, па дури ни малите деца. Тоа денес се смета за невино задоволство. Но, дали е тоа навистина така?

Таква успешна и сеопшта распространетост на таа навика, некаква страствена склоност кон неа која во наше време се забележува и кај малите деца – самото тоа е знак на гревовен и штетен обичај. Добродетелните навики не се стекнуваат така лесно, не го привлекуваат така секого и сите, бидејки човековата помисла постојано се согласува со злото уште од младоста негова, според сведоштвото на Божјото слово (Битие 8.21).

“Во пушењето на тутунот нема ниту грев, ниту доблест”, обично велат неговите корисници и остануваат целосно убедени во нештетноста и безгрешноста на таа тутунска злоупотреба. Но зарем постои нешто средно, помеѓу гревот и добродетелите? Помеѓу доброто и злото? Тоа го негира и природниот закон и сопствениот разум. Ако во пушењето нема ниту полза ниту добрина, тогаш тоа е бескорисна работа, бесмислена и празна, а напразно и бескорисно да се троши краткото и скапоцено време што ни е дадено – зарем тоа не е големо зло, најголема штета? Времето е нашиот најголем капитал во овоземниот живот – според учењето на житејската (световна) мудрост; времето е талант кој ни е даден за стекнување на вечен живот – според учењето Бојжо. За секој празен збор што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на денот на Судот (Мат.12, 36), ни вели Синот Божји, нашиот Искупител и Судија. Нема ли да се бара најтешкиот одговор во секого од нас за празните дела? А пушењето не само што е празна работа, т.е бескорисна, туку целосно е штетно и очигледно е гревовно, поразително делува на нашето тело, ги умртвува нашите умствени способности, нешто што е спротивно на Божјите Закони, на Христовото учење, како злоупотреба на создаденото, за секоја прекумерност христијанинот е камшикуван од прекорот на сопствената совест.

Колку многу се оние што денес ги нарушуваат светите постови утврдени на Вселенските Собори, и својата непослушност кон светата Црква ја оправдуваат со тоа што постот наводно им штети на здравјето кое треба да се чува како Божји дар. Меѓутоа, очигледно е дека овие зборови не потекнуваат од стравот да не се згреши, туку така се прикрива чревоугодието. Во поглед на претераната зависност од тутунот, никој од неговите љубители не применува слично правило, иако злото кое произлегува од него е повеќе од очигледно.

Најнапред да ја разгледаме накратко штетноста од таа навика врз нашето тело.  Тоа растение според својот состав спаѓа во родот на татулата и другите растенија кои се со силни опојни дејства, а по својата штетност тутунот е најсилен меѓу сличните билки. Научниците во него откриле силен отров, таканаречен никотин, и мноштвото експерименти ја докажале ужасната моќ на тој отров. Во Франција многу злосторници користеле никотин за моментално усмртување на своите жртви.

Исушениот тутун, подготвен за пушење, губи дел од својата јачина, но и растворот направен од обичен тутун за пушење претставува така остро средство што успешно се користи за уништување на плиги, брадавици и слично. За време на пушењето, талогот од тутунскиот дим неизбежно во помала или поголема мера продира во внатрешноста на човекот, каде што се таложи.  Обично потоа се појавуваат внатрешни чирови, болести во носот и грлото, а пушењето често предизвикува и хронична вртоглавица и повраќање. Многу лекари исто така докажале дека пушењето ги суши градите, создава услови за туберкулоза и ослабен вид. Страсните пушачи од сопствено искуство ја познаваат наведената штетност, иако честопати не ја признаваат, а некои се сложуваат, и дури самите согледуваат какво зло е тутунот, но не можат да се откажат да пушат. Штетноста од тутунот најдобро се согледува кај работниците во фабриките за тутун, па дури и врз жителите кои имаат куќи во близина на таквите фабрики: и едните и другите страдаат од постојана мачнина и главоболка. Сепак, образложувањето на штетноста за телесното здравје од таа злоупотреба не е наша цел, затоа ќе се ограничиме на тоа што досега го рековме за таа штетност, затоа сега да ја погледнеме грдата навика на пушењето од морален аспект. Жално е понекогаш да се видат бедни луѓе кои одвај заработуваат за својата дневна издршка, ги расфрлаат со мака стекнатите крвави пари за тутун, изложувајки се така и себеси и сопственото семејство на скратување на и онака скратените средства за живот. Згора на тоа, да спомнеме дека некои наивно веруваат во хранливоста на тутунот врз основа на тоа што тутунот навистина го одзема апетитот на своите посветени уживатели, во што повторно се гледа неговата крајна злоба. Оние кои страдаат од тутунска страст се трудат и себе и другите да ги убедат дека не се слепо зависни, туку дека пушат поради одредени причини и од нужност. Па ете на сличен начин се правдаат и алкохоличарите и другите кои се препуштиле на некаква неморална страст.

Во наше време се случува оние кои се нарекуваат христијани, посетата во Божјите храмови да ја нарекуваат “непотребно губење на време”, не наоѓаат можност да се помолат на Господа наутро или навечер, како што треба и е обврска на вистинските чеда на Црквата. Притоа тие слаткоречиво расправаат за работењето и неработењето, а самите трошат часови и часови на бесмислено пушење и насладување со тутун, објаснувајки си го тоа исклучиво како навика.  Неретко се слуша дека само старообредците (расколници во Русија, заб. на прев.) сметаат дека тутунот е грев, додека Православната Црква многу не го забранува, а некои како доказ за ова мислење го изнесуваат фактот дека и некои свештеници пушат. Таквото расудување и докази немаат никаква основа.  На нашата света Црква навистина и е туѓ ставот според кој секоја наовотарија би ја проколнувала само затоа што е новотарија, и затоа што не постоела во времето на нашите претци, Црквата воопшто ниту една работа која служи во полза и за разумна цел не ја проколнува и не ја забранува. Но прекумерната употреба, без било каква нужда – тоа е веќе наслада со некаква работа, што Црквата отсекогаш го забранувала и го забранува. Да се сетиме на црковниот номоканон кој наредува вака: “Кој ќе испие прекумерно вода и ќе поврне поради тоа, таквиот да се одлачи од Светата Причест 40 дни, и да прави по 100 поклони за сторената невоздржаност”. Укажувањето пак на свештеници кои пушат, како посебен и своеволен случај, ништо не докажува и меѓу свештениците можат да се сретнат луѓе со човечки слабости и немоќ: зарем во тоа може да се види црковното правило?

Ако, како што кажавме погоре, христијанинот се дрзне и за невина невоздржаност како што е водата, уште повеќе е должен и пред Црквата и пред Господа да одговара за гревовната и погубна склоност кон тутунот, пијанството, комарот, злоречивоста, злобата, гордоста, суетата, скржавоста, среброљубието, мрзливоста и блудот. Навиката или врзаноста за било која таква страст во христијанинот предизвикува внатрешно идолопоклонство во срцето. За да не избави од таа тушевна беда, Божјото слово не опоменува и не советува да немаме пристрасност кон земните работи, бидејки, вселувајки се во нашето срце, може сосема да завладее со нас и да ја избрка љубовта кон Господа и спасоносниот страв Божји. Не љубете го светот и се што е во него. Ако некој го љуби светот, во него нема љубов од Отецот (1.Јн. 2.15) – ни кажува возљубениот Христов ученик Јован Богослов. Голема неволја за нас е тоа што навикнавме повеќе внимание да посветуваме и да веруваме на своето ограничено човечко расудување, на своите пристрасни погледи, отколку на Божјите зборови. А Господ вразумувајки не, вели: Јас сум Светлината на светот, кој врви по мене нема да оди во темнина, а   ќе ја има светлината во животот (Јн. 8.12). А светиот цар и пророк Давид се моли: Ти ќе ја просветлиш мојата светилка Господи! Боже мој, ќе ја просветлиш мојата темнина (Пс. 17.29). Христовиот светител Тихон Задонски вака пишува во своите прекрасни дела: “Христијани! Она што е огледало за синовите на овој век, за нас нека биде Евангелието и непорочниот Христов живот. Тие погледнуваат во огледалото исправувајки го телото и ги чистат дамките од лицето. Да сториме и ние така! Христос Синот Божји ни се даде Себеси и својот живот за пример: Затоа ви дадов пример  да правите и вие така, како што ви направив Јас (Јн. 13.15)- Да го поставиме, значи, и ние пред душевните очи ова чисто огледало и да погледнеме во него:  дали нашиот живот е сообразен на Христовиот живот?

Загледувај се често во чистото огледало на непорочното живеење Христово и пороците што се прилепиле за твојата душа миј ги со покајание и со скрушено срце, и сообразувај се со Него со сите сили, за и таму да му бидееш сличен. А со денешните христијани немој да бидеш сличен: кај денешните христијани живеењето на многумина е спротивно на Христа, не му се сообразни. Бидејки вие треба да ги имате истите мисли , што ги има Исус Христос (Фил. 2.5)” – (Од книгата на свети тихон “Духовно богатство”) – Понатаму всетителот не упатува: “Ние имаме и разум а не само чувство. Можеме да расудуваме: што е добро, а што зло, што е полезно, а што е штетно. Го имаме светиот Божји збор: што и да прават луѓето да го принесеме тоа кон Светото Писмо, како кон чисто огледало, и да погледнеме во него – луѓето прават сходно или спротивно на него. Па макар и целиот свет да прави она што му е угодно на Бога и душеполезно за тебе, сепак целиот свет нема да се завземе за тебе пред Божјиот суд. Таму нема да кажат: ете тој и тој правеше тоа и тоа. Единствено што ќе слушнеш од Судијате е: зошто не го правеше тоа што ти наредив да го правиш? – Во светот биди како Лот во Содом, каде сите беззаконствувале, но тој не ги подржувал, туку го правел она што и било угодно на светата Божја волја. Ако воскреснавте со Христа, барајте го она што е горе каде што Христос седи од десната страна на Бога. Мислете за она што е горе, а не за она што е на земјата (Кор. 3.1-2).” Малку понапред во истата книга Христовиот светител вели: “Со најголемо внимание послушај ги душо моја зборовите: Погледни, оние кои се оддалечуваат од тебе ќе загинат (Пс. 72.27). Внимавај да не се оддалечиш од животот, да не бидеш во смртта; внимавај да не се оддалечиш од Светлината, да не останеш во темнината. Мора да умре оној кој се оддалечува од животот, и да биде во темнина, оној што се оддалечува од Светлината.” Така не убедува да го чуваме Божјото слово нашиот руски светилник, свети Тихон Задонски. Оној кој сака да ја спаси душата, мора да размисли и да се посоветува со Евангелието: дали тоа ја оправдува нашата злоупотреба на тварта против Божјата љубов? Бидејки ако христијанинот кој се труди за своето спасение, обрне внимание на изреката на Господа Исуса Христа: Ако некој го љуби татка си или мајка си повеќе од Мене, не е достоен за мене – тој јасно и разбирливо ја сфаќа душевната штета од злоупотребата на тутунот. Ако според укажувањето на Божјите зборови е душепогубно да ги љубиме повеќе од Бога дури и оние за кои ни е заповедано да ги љубиме – што тогаш да кажеме за насладувањето со тварта повеќе одошто со Бога? Бидејки оној што е заробен од било каква гревовна навика, таа навика за него станува бог, затоа што тој само на неа си спомнува и со неа се насладува, – Бог е оставен, Бог за него е спореден.

Во Божјите заповеди ни е наредено да Го возљубиме со целото срце, со сите свои мисли, а оној што има било каква гревовна навика, тој само со неа се насладува, само неа ја љуби, на неа се сеќава, и за неа размислува. Кој ја имал таа несреќа да се навикне на блуд, или на пијанство, или на играње карти, или на тутун, тој на тоа се сеќава повеќе отколку на Бога, таа навика за него станува бог; таквиот човек од себе прави роб на својата навика или страст – таа владее со него и го измачува. Токму таква е и пристрсноста кон тутунот: таа глупава навика не му дава ниту еден миг мир на оној кој се навлекол. Во тоа е гревот, што тој повеќе се сеќава на тутунот, отколку на Бога; таквиот му принесува жртва на тутунот како идол на своето срце – а Бог е заборавен.

Се случуваат и многу грди случаи: некои не се причестуваат со светите Христови Тајни само затоа што не сакаат ниту за еден ден да се воздржат од тутунот! Не е ли тоа идолопоклонство? Таквите, навистина, ако не ја остават својата доброволна заблуда пред смртта, нема до го видат Лицето Божјо и вечниот живот. Тоа може да се види од строгата и одлучна одредба Господова искажана во Евангелието: Зашто ви велам: никој од оние што беа повикани нема да вкусат од вечерата Моја! Тоа го вели Господ во Својата приказна за повиканите на царската вечера кои се откажале и го презреле царскиот повик (Лк. 14.24). Таа одредба навистина може целосно да се примени на оние навредувачи Божји кои го сметаат за мало или неважно причестувањето на човекот со пресветите Тајни на Телото и Крвта Христови. Од каков дар се лишува таквиот! Каква престапничка негрижа покажува за недостижната љубов Божја кон паднатото човештво! О, кога пред крајот на светот би се опоменил таквиот презирач на Христовата љубов која секому од нас се објавува во оваа спасоносна, најсвета тајна! “Во што ке те затекнам во тоа ке те судам“, вели Господ. А светиот апостол Павле, или подобро кажано – Светиот Дух преку Апостолот го сведочи следното: “Ако оној што го прекршил Мојсеевиот закон, пред двајца или тројца сведоци безмилосно се казнува со смрт, тогаш колку ли потешка казна, мислите ќе заслужи оној што Го погазил Синот Божји и ја осквернил крвта на заветот преку која е осветен и Го похулил Духот на благодатта?“(Евр. 10.28-29) – Кога Христос Господ доаѓа во нашето срце со Своите пречисти Тајни на Телото и Крвта  и преку нив ни дарува простување на гревовите и Своето најаслатко соединување со нас, – не покажува ли тогаш Тој кон секој од  нас грешните уште поголемо снисходење и понижување на Себеси, од она што го покажал кога благоизволил заради нашето спасение да се роди во Витлеемската пештера за добиток и кога, Царот небесен, бил положен во сточарски јасли?

Но нашето гревољубиво срце, преисполнето со секакви страсти, одбивни за Неговите најсвети очи, е многу понедостојно да го прифати Него, отколку оние јасли и пештерата за добиток. Во времето на Господовиот земен живот луѓето се чуделе на Неговото крајно снисходење и милосрдие, затоа што влегувал во домовите на јавни грешници презрени од сите. Тој нив не ги презирал, влегувал кај нив, и дури ја делел вечерата со нив, барајки преобразување и спасение на нивните души. Исто така, и уште далеку поголемо снисходење покажува Господ и сега кога го посетува нашето порочно, гревољубиво срце, полошо од домовите на оние грешници.

Меѓутоа, тие грешници толку ја ценеле посетата на Спасителот што веднаш од големи грешници се претвориле во Негови најревносни следбеници. А ние доброволно се одрекуваме од Неговата најголема и најблажена посета, се откажуваме токму поради пристрасноста кон штетната навика! … Бидејки поробени беа моите луѓе затоа што не знаеа за Господа, говорел светиот пророк Исаија (Ис. 5.13) на еврејскиот народ во името на Бога, кој во тој период имал навидум вистинска вера, но бил поробен, т.е. вршел многу незнабожечки обичаи во својот живот. Евреите во времето на пророкот Исаија биле студени кон својата вера, кон изучувањето на Божјото слово; затоа се препуштале на многу незнабожечки пороци, понекогаш дури и за самите нив незабележливо; така беззаконските обичаи им ги поробувале срцата.  Причина за тоа душепогубно зло било токму тоа што го оставиле Господовиот закон и не внимавале на словото Божјо.

Обителта на Светиот великомаченик и исцелител Пантелејмон, Света Гора Атос.

431 Прегледи