Што прави развратот со човекот? Тој го лишува човекот од Божествената благодат, која не ја трпи нечистотијата и смрдеата на развратот и ги парализира човековите духовни сили. На гробот на духовноста, како отровни билки растат атеизмот и окултизмот. Развратот води кон деградација на душевните моќи, на пример, уметноста станува антиестетска, музиката од мелодија се претвора во какофонија; човекот престанува да се интересира дури и за приземната класична книжевност, неа ја потиснува лесната роба: прирачници за убиства, секс и окултизам; јазикот преминува во жаргон.
Човекот сè повеќе живее со чувствата, сè подлабоко тоне во областа на инстинктите, од кои најсилен е сексуалниот нагон, односно човекот постепено се претвора во животно. Што се случува со човекот? Прво, губење на Бога, тој не може да биде вистински религиозен, престанува да ја чувствува вечноста. Кај развратникот затупавува љубовта, не само кон Бога, туку и кон човекот. Тој се претвора во некаков биоапарат, во кој инстинктите ја одредуваат програмата на неговото однесување, во кој исчезнува чувството на сомилост. Развратниците се претвораат во племе на куси мајмуни. Кому му е потребно тоа? На она пеколно чудовиште, кое се бори со Бога во човечкото срце.
Деградацијата, пред сè, ја погаѓа моралната област на развратникот. Што претставува феноменот на совеста, според кој човекот се разликува од животните? Тоа е глас на духот, тесно поврзан со религиозното чувство; тоа е одговорност на човекот пред Најголемата Вистина; тоа е постојаниот суд на човекот над самиот себеси. Совеста, исто така дејствува на душевен план, прекршувајќи се низ етичките норми и претстави. Моралноста секогаш подразбира извесна вредност на човекот. Моралот секогаш ја подига душата над мноштвото тековни настани. На местото на задушената совест расне билка-паразит, која се нарекува прилагодување: таа е подготвена, со помош на лаги и лицемерие да се обвитка околу секое стебло, за од него да го исцица сокот. Поимите како што се: чест, верност и принципиелност, стануваат лингвистички архаизми.
Страста и љубовта се спротивни појави, иако страста честопати се нарекува љубов. Љубовта бара општење со оној што го сака, но по пат на самопожртвуваност. Во љубовта секогаш постои подготвеност на жртва и радост ако ваквата жртва биде прифатена. Страста не бара општење, туку голтање, таа секогаш е агресивна, таа си го бара своето. Затоа во страста се содржи скриен потенцијал на суровост. Повремено ваквата суровост избива на површина.
Развратникот не може да сака. Неговото срце е во состојба на духовна парализа и опуштеност. Тој нема кого да сака, затоа што на човекот гледа како на парче живо месо. На човековата душа ѝ е својствена силата на создавањето. Тоа е посебна состојба на вдахновение, кога се будат некои интуиции, како да звучат скриени струни и мислите стануваат подлабоки и појасни. Кај развратникот ваквата сила затупавува. Современиот свет не дал ниту еден голем философ или писател; Снаодливоста го замени содавањето и таа во секојдневниот живот се претвори во умешност на умот. На развратникот снаодливоста му го отвори широкото поле на патолошката сексологија, која човекот го претвора – сега веќе не во кожена вреќа на месо, туку во септичка јама. Развратот ја затапува волјата на човекот и го прави роб на страста. Страста е илузорна состојба, таа како да е празна одвнатре, личи на меур од сапуница, чии бои се прелеваат на сонцето, од кој, веќе следниот миг ќе остане мокра дамка. Затоа развратникот е длабоко несреќен. Тој чувствува постојано незадоволство, но најчесто од него бара излез во нови облици на разврат.
Настапи некаква метафизичка ноќ. Во овој мрак, кој станува сè погуст, како во „египетската темнина“, луѓето не се гледаат едни со други, заборавија што е човек; разединети се. Ѓаволот, како татко на либерализмот, ветувајќи слобода, ги измами луѓето и ги претвори во алчни и тапи робови.

Архимандрит Рафаил Карелин

195 Прегледи