Името на човекот е она по што другите го препознаваат и го паметат. Затоа никој не им дава на своите деца имиња немарно или по случајност. Истото е и кога човек самиот за себе одредува име. Секогаш постои грижата името не само да биде убаво, туку и да има добро значење. Тука веќе до израз доаѓаат внатрешните убедувања и принципи од кои се раководи оној што го дава името.

Така, христијаните уште од првите векови на христијанството почнуваат да го развиваат обичајот да даваат христијански имиња, односно имиња на некои христијански светители, или имиња поврзани со самиот Господ. За оваа традиција имаме сведоштво од светиот Јован Златоуст, од IV век.

Давањето на христијанско име подразбира дека оној што ќе го носи името, ќе го има како пример како треба да постапува – животот на светителот чие име го носи. Тоа значи да ги изучи житието на тој светител и пофалните песни од богослужбата која му е нему посветена и ќе се труди од нив да извлече поука и вдахновение за тоа како треба да се однесува и да постапува. На тој начин ќе ја задобие небесната заштита на светителот, неговата помош во животот, и неговото застапништво пред Бога.

Што е тоа именден?

Именден е ден кога се празнува светителот, или настанот од Домостројот Божји, со кого е поврзано нашето име. Оние кои го носат името Никола го прославуваат денот на светиот Николај Мирликијски (6 декември по стар стил, односно 19 декември по нов календар), оние кои го носат името Петар ќе го прославуваат споменот на светиот Апостол Петар (29 јуни односно 12 јули по нов календар), тој што го носи името Спасе ќе празнува на Спасовден (Вознесение Христово), Душка ќе го празнува Духовден (Слегувањето на Светиот Дух на Апостолите – Педесетница) и сл.

Постои добар обичај, кој порано бил повеќе застапен одошто е сега, да се дава име на детето според светителот кој се празнува на денот кога се родило детето, или, пак, на најблискиот поголем празник. Оние кои така го добиле своето име, празнувајќи го својот именден, го прославуваат и својот роденден.

Како се празнува именденот?

Сите овие празници се христијански и треба да се прославуваат на христијански начин – така што акцентот нема да биде ставен на храната, забавата и музиката, туку на духовната димензија на празникот. Главната прослава на празникот е служењето на Светата Литургија во црквите. Затоа е добро оној што го празнува својот именден, достојно да се подготви за празникот и да земе учество во Литургијата, и по можност – да се причести.

Дополнително, доколку именденот е име на светител, а не на настан од Домостројот Божји, добро е на тој ден во црква да се донесе коливо (варена пченица) врз која свештеникот на крајот на Литургијата ќе прочита посебна молитва за здравје и небесна заштита од светителот што се празнува, за оние кои го подготвиле коливото.

Кои имиња се христијански?

Христијански имиња се оние кои се поврзани со Христа и Божјиот Домострој на спасението (РистоСпасеКрсте и сл.) или со Богородица (МаријаБлагицаБлагоја и др.), или имињата на светителите од православниот календар (НиколаДимитарПетарЈован итн.).

Во календарот има многу и разни имиња на светителите. Најчесто тие се со еврејско потекло (МојсејДавидАврамСараСузана итн.), грчко потекло (ТеодорСтефанИринаСофија итн.) или латинско потекло (ВикторМаксимМаркоМарина и сл.). Забележуваме дека помеѓу имињата со грчко и латинско потекло постојат имиња кои изворно немале христијанско значење, но бидејќи тоа име го носеле луѓе кои станале светители, било осветено и самото име, и тоа веќе не се поврзува со неговото првично и нехристијанско потекло, туку со христијанскиот светител кој го прославил тоа име.

Од истата причина, во календарот наоѓаме и словенски имиња, кои нашите предци ги користеле уште пред да го примат христијанството и кои првично немале христијанско значење, но денес имаат. Пример за такви имиња се: ВладимирМилутинБојан итн.

Останати имиња

Освен христијанските имиња, денес во нашиот народ се среќаваат и многу имиња кои немаат христијанско потекло и тоа Црквата не го забранува. Најчесто овие имиња се словенски (ГоранЗоранБисераЉубицаЈагодаитн.), но има и странски кои влегле во употреба преку различните културни влијанија.

Голем дел од словенските имиња кои денес ги користиме имаат значење кое се поклопува со значењето на христијанските имиња од несловенско потекло. Дел од ваквите имиња веќе се користат како словенски преводи во православниот календар, такви се маченичките Вера, Надеж (Нада) и Љубов (Љубица). Имињата на маченичките биле грчки: Писти, Елпида и Агапи, но во народот веќе е одомаќинета употребата на преводот на словенски и таа е влезена и во црковниот календар.

Но, повеќето од имињата во календарот не се преведени, туку се оставени во оригиналната форма, иако нивното значење е исто со значењето на некои словенски имиња. На пример Фотина го има значењето на Светлана, Теодор е Божидар, Ирина е Мирка итн.

Тоа значи дека и оние кои имаат имиња што не се наоѓаат во календарот, можат да го определат својот именден поврзувајќи го своето име со името на православниот светител преку значењето на името.

Дознајте го значењето на Вашето име и кога Ви е именден: кликнете тука.

Денови.мк

119 Прегледи